language: ENGLISH
ИНВЕСТИЦИОНИ ЦЕЛИ 
Отворениот инвестициски фонд ИНОВО СТАТУС АКЦИИ се основа со цел прибирање парични средства преку јавен повик за продавање на удели и вложување на прибраните парични средства согласно Законот за инвестициски фондови, Статутот.

Друштвото за управување има за цел прибраните парични средства во Фондот да ги вложува на домашни и странски пазари на хартии од вредност заради остварување приходи на долг временски период.
 
ИНОВО СТАТУС АКЦИИ претставува Отворен инвестициски фонд, без статус на правно лице, чии сопственици имаат право да бараат откуп на уделите во согласност со Законот, Статутот и Проспектот на Фондот.

Отворениот инвестициски фонд ИНОВО СТАТУС АКЦИИ им овозможува на институционалните и индивидуалните инвеститори пристап до голем број на пазари на хартии од вредност, при тоа овозможувајќи им управување на нивните средства и нивна ликвидност преку диверзифицирана структура на своето портфолио на хартии од вредност и ниски трошоци.

Во Фондот може да вложуваат домашни и странски, правни и физички лица. Отворениот инвестициски фонд ИНОВО СТАТУС АКЦИИ е наменет за инвеститори кои прифаќаат диверзифицирана структура на своето портфолио на хартии од вредност, со што се намалува ризикот во однос на самостојното инвестирање.

Имотот на Фондот ќе биде инвестиран претежно во акции, кои котираат или со нив се тргува на Берза или друг регулиран пазар. Таквото инвестирање е со поголем степен на ризик во однос на ороченото штедење, но наспроти на тоа, вложувањето во Фондот овозможува повисока профитабилност.

Друштвото при инвестирањето на имотот на Фондот ќе се придржува кон ограничувањата на вложувањата на Фондот во согласност со законската регулатива.
Вложувањата на имотот на Фондот подлежат на следниве ограничувања:
1) најмногу 10% од нето вредноста на имотот на фондот можат да бидат вложени и во други преносливи хартии од вредност и инструменти на пазарот на пари, освен во преносливи хартии од вредност и инструменти на пазарот со кои се тргува на регулирани пазари или се продаваат на пазари на пари и новоиздадени преносливи хартии од вредност;
2) најмногу 10% од нето вредноста на имотот на фондот можат да бидат вложени во преносливи хартии од вредност и инструменти на пазарот на пари на еден ист издавач, но доколку вредноста на преносливите хартии од вредност или инструменти на пазарот на пари од еден ист издавач  кои ја сочинуваат вредноста на имотот на фондот  е поголема од 5% од нето вредноста на имотот на фондот, вкупната вредност на тие вложувања во сите такви издавачи не смее да биде поголема од 40% од нето вредноста на имотот на фондот, освен: 
а) во прeносливи хартии од вредност или инструменти на пазарот на пари чиј издавач или гарант е Република Македонија или единиците на локалната самоуправа на Република Македонија, државите членки на ЕУ и на ОЕЦД или единиците на локалната самоуправа на државите членки на ЕУ  и на ОЕЦД, во кои може да се вложува без ограничување под услов:
- во проспектот, статутот и промотивните материјали на фондот јасно да бидат  наведени државите, единиците на локалната самоуправа или меѓународни организации во чии хартии од вредност и инструменти на пазарот на пари може да се вложува повеќе од 35% од нето вредноста на нивниот имот,
- имотот на отворениот фонд да се состои барем од шест различни хартии од вредност или инструменти на пазарот на пари и
- вредноста на ниту една поединечна хартија од вредност или инструмент на пазарот на пари од точката 2 потточка а) на овој став, да не е поголема од 30% од нето вредноста на имотот на отворениот фонд;
б) во обврзници издадени со одобрение од Комисијата, кои ги издаваат банки регистрирани во Република Македонија или држави членки на ОЕЦД, а кои се под надзор на соодветното регулаторно тело, во кои може да се вложува најмногу 25% од нето вредноста на имотот на отворениот фонд. Износите кои произлегуваат од емисијата на овие обврзници издавачот мора да ги инвестира во средства со кои, за време на целиот период на важење на обврзниците, можат да се покријат побарувањата спрема обврзниците и кои, во случај на несолвентност на издавачот, ќе се користат приоритетно за отплаќање на главнината и каматата. Доколку повеќе од 5% од нето вредноста на имотот на фондот е вложено во такви обврзници од еден ист издавач, вкупната вредност на таквите вложувања не смее да биде поголема од 80% од нето вредноста на имотот на фондот;    
в) за лицата кои формираат поврзани друштва  согласно  со Законот за трговските друштва и Законот за инвестициски фондови, се сметаат како еден издавач, при што најмногу 20% од нето вредноста на имотот на фондот можат да се вложат во  хартии од вредност или инструменти на пазарот на пари, чии издавачи се лицата кои сочинуваат поврзани друштви согласно со Законот за трговските друштва и
3) преносливи хартии од вредност или инструменти на пазарот на пари од точката 2 потточки а) и б) на овој став, не се опфатени во ограничувањата од 40% од точката 2 на овој став;
4) ограничувањата од точката 2 на овој став не се однесуваат на:
а) депозити и
б) финансиски деривативни инструменти со кои се тргува на други регулирани  пазари (пазари преку шалтер);
5) најмногу 20% од нето вредноста на имотот на отворениот фонд може да се вложи како депозит и сертификати за депозит во една иста банка;
а) Репо договорите за продажба и повторно купување не смеат да надминат повеќе од 20% од  нето вредноста на имотот на отворениот фонд.
6) Изложеноста кон едно лице врз основа на финансиски деривативни инструменти договорени  со тоа лице на други регулирани пазари  не смее да биде поголема од:
а) 10% од нето вредноста на имотот ако се работи за банка и
б) 5% од нето вредноста на имотот ако се работи за некое друго правно лице;
7) вкупната вредност на вложувањата во преносливи хартии од вредност или инструменти на пазарот на пари чиј издавач е едно исто лице, и вредноста на депозитите вложени кај тоа лице, и изложеноста врз основа на финансиските деривативни инструменти со кои се тргува на други регулирани пазари, договорени со тоа лице не смеат да бидат поголеми од 20% од нето вредноста на имотот на отворениот фонд, освен во преносливи хартии од вредност или инструменти на пазарот на пари наведени во точката 2 потточка а) од овој став;
8) ограничувањата пропишани во точки 1, 2, 3, 4, 5 и 6 од ставот (1), не смеат да се комбинираат, и таквите вложувањата во преносливи хартии од вредност или инструменти на пазарот на пари чиј издавач е едно лице, во депозити кај тоа лице, и изложеноста врз основа на финансиски деривативни инструменти договорени со тоа лице  во ниту еден случај не смеат да надминат вкупно 35% од нето вредноста на имотот на фондот;
9) најмногу 20% од нето вредноста на имотот на  фондот може да биде вложено во удели или акции  на еден ист инвестициски фонд;
10) вложувањата во удели или акции на инвестициските фондови не се вклучуваат во пресметките за ограничувања од точките 1, 2, 3, 4, 5 и 6 ;
11) Фондот не смее да биде сопственик на:
а) повеќе од 10% од акциите со право на глас од еден ист издавач;
б) повеќе од 10% од акциите  без право на глас од еден ист  издавач;
в) 10% од должнички хартии од вредност издадени од страна на еден ист издавач;
г) 25% од уделите на поединечните инвестициски фондови;
д) 10% од инструментите на пазарот на пари на еден ист издавач со исклучок дека ограничувањата од овој став не се применуваат на должнички хартии од вредност и инструменти на пазарот на пари чии издавачи се Република Македонија, единиците на локалната самоуправа на Република Македонија, државите членки на ЕУ и на ОЕЦД, единиците на локалната управа на државите членки, државите кои не се членки на ЕУ и на ОЕЦД и
ѓ) ограничувањата од точката 11 потточки в), г) и д) на овој став може да не се земат предвид во моментот на вложување ако тогаш не е можно да се пресмета вкупниот број или вредноста на инструментите во оптек;
12) вкупната изложеност на фондот кон финансиските деривативни инструменти  во никој случај не смее да биде поголема од неговата основна главнина и
13) Фонд не смее да вложува во благородни метали или хартии од вредност или други инструменти издадени врз основа на благородни метали.
 Заради заштита на интересите на вложувачите во инвестициските фондови, Комисијата може да воведе дополнителни ограничувања во врска со вложувањата,во случај на глобална финансиска криза и нарушување на функционирањето на пазарот на хартии од вредност во Република Македонија, по предходна согласност од Министерството за финансии.
ОВАА ВЕБ СТРАНИЦА КОРИСТИ ВЕБ КОЛАЧИЊА "Cookies"

Користиме колачиња со цел да го подобриме Вашето корисничко искуство на нашата веб-страница. Ова ни овозможува да го подобриме Вашето идно искуство при користењето на нашата веб-страница.

Прифаќам